Jump to content

Годишен план на Фондацијата Викимедија/2023-2024

From Meta, a Wikimedia project coordination wiki
This page is a translated version of the page Wikimedia Foundation Annual Plan/2023-2024 and the translation is 100% complete.

Опис

Фондацијата Викимедија и понатаму е во фаза на промени. Минатата година го пречекавме новото раководство, меѓу кои и новиот Главен извршен директор и Главниот директор за производи и технологија. Покрај тоа, Фондацијата одржа разговори со нашите глобални заедници по низа важни прашања, од идната повелба која ги одредува улогите и должностите, до тоа како да собираме заеднички ресурси преку разгласи на викијата. Во годинашниот Годишен план настојуваме појасно да ги изложиме повеќегодишните стратешки прашања кои немаат брзи решенија и даваме поподробни информации за тоа како работи Фондацијата. Би ценеле мислења од нашите бројни учесници.


Подолу прочитајте го краткиот преглед на Годишниот план 2023-2024.

Каде сме денес

Минатата година во Фондацијата Викимедија решивме да ги устремиме нашите напори кон темелна промена во тоа како работиме. Тоа подразбра регионално организирање на работата за да ги задоволиме различните потреби на заедниците ширум светот и поднова на нашите вредности во Фондацијата со цел да го подобриме нашиот сопствен степен на соработка. Ова нè става во поповолна положба за да можеме суштински да го измениме она што го работиме — особено кога светот околу нас се менува на повеќе неочекувани начини, а ние испитуваме како да постигнеме поголемо збирно влијание врз заедничките цели кон стратешката насока за 2030 г.

Уште еднаш мора да обратиме внимание на светот околу нас за да увидиме што нему му треба од нас и како да се прилагодиме на него. Овој годишен план го втемелуваме во повеќегодишно стратешко планирање со оглед на долгорочните промени во приходите на Викимедииното движење, производите и технологијата, улогите и должностите. Надворешните трендови покажуваат дека друштвените платформи и понатаму ги истиснуваат традиционалните пребарувачи, и дека вештачката интелигенција се заканува со уште повеќе пореметувања во дигиталниот свет. Покрај тоа, правните прилики на кои се потпира нашето движење значително се менуваат по децении на релативна стабилност. Во одговор на постојаната закана од неточни информации и дезинформации, законодавците се обидуваат да ги регулираат семрежните платформи на начини кои можат суштински да ја загрозат нашата мисија. Овие закани и сè поголемата поларизација создаваат нови репутациски ризици за нашите проекти и нашата работа. За крај, постојаната неизвесност во светската економија ја забрзува потребата од преиспитување на нашите извори на средства, поради што сега би пристапиле кон финансиски вложувања во ресурси кои би ја овозможиле нашата заедничка работа и стремежи.

Нашиот приод кон иднината

Втора година по ред, Фондацијата Викимедија го приврзува својот годишен план за стратегијата на движењето со цел унапредување на правичноста. Нашата намера е да ја поврземе работата на Фондацијата уште подлабоко со Предлозите за Стратегија на движењето за да можеме да направиме уште посуштински напредок кон Стратешката насока за 2030 г. Продолжуваме да се стремиме кон тоа со помош на соработно планирање со другите учесници во движењето кои исто така ги спроведуваат препораките. Ова го остваруваме со продлабочување на нашата регионална задршка, со што подобро би излегле во пресрет на потребите на различни заедници во сите региони во светот. Покрај ова, се очекува дека претстојната Повелба на движењето повеќе ќе ги разјасни улогите и должностите, можеби преку нови соработни структури како средишта (hubs) и Глобален совет. Имаме намера да ја продолжиме соработката во процесот за изготвување на повелбата за да ја унапредиме правичноста во носењето одлуки што се однесуваат на нашето движење.

Приод кон годишното планирање:

  • Да гледаме нанадвор. Почнувајќи од: што се случува во светот околу нас. Да ги определиме клучните Надворешни трендови што ја засегаат нашата работа.
  • Задршка на Производи и технологија. Сосредоточување во поддршката за заедниците и доброволците преку нашата уникатна улога во обезбедувањето на производи и технологии во големи размери.

Оваа година Фондацијата го сосредоточува својот план околу Производите и технологијата, подвлекувајќи ја нашата уникатна улога како платформа за сите луѓе и заедници кои соработуваат во масивни размери. Главнината од овој пофтат, наречен „Викиискуства“, поаѓа од тоа дека доброволците се во сржта на викимедијанскиот процес на смислотворење и создавање на знаења. Затоа, годинава даваме приоритет на искусните корисници (вклучувајќи ги оние со повеќе права како администраторите, надзорниците, патролерите и модераторите од секаков вид, наречени „функционери“) за сметка на новодојденците, со цел да им ги обезбедиме потребните алатки за нивните секојдневни и суштински важни напори во проширување на содржините и подобрување на нивниот квалитет, како и раководењето со процесите во заедниците. Делотворното раководење со платформата исто така бара внимание од Фондацијата со цел да одговорат на предизвиците на големоразмерните инфраструктурни и податочни потреби кои ги надминуваат поединечните викиискуства на проектите. Оваа работа е опишана подолу во „Сигнали и податочни услуги“. За крај, во категоријата наречена „Идни целни групи“, мораме да ги забрзаме иновациите кои вклучуваат разни целни групи во својство на уредници и придонесувачи.

Компромиси и избор

Финансовиот модел на кој се потпираше Викимедииното движење во текот на својот историски развој (прибирање средства со разгласи) покажува граници. Новите извори на финансирање кои би ги дополниле постоечките — како Wikimedia Enterprise и Wikimedia Endowment — бараат време за да се развијат. Тие не можат да го поддржат истиот степен на раст во претстојните години како што тоа се правеше со разгласното прибирање, особено со оглед на неизвесните економски изгледи во светот.

Поради овие трендови, минатата година Фондацијата покажа забавен раст во споредба со претходните три години. Сега правиме внатрешно кратење на буџетот кое опфаќаат кадровски и некадровски расходи за да обезбедиме поодржливо трошење во претстојните неколку години. И покрај овие буџетни притисоци, ние ќе го зголемиме севкупното финансирање на партнерите во движењето, вклучувајќи зголемени доделби на средства со цел земање предвид на глобалните инфлациски расходи, поддршка за новодојденците во движењето и поголемо финансирање на конференции и настани. Овој план подразбира повеќе средства во сите реигони, со приоритет на сразмерно поголем раст во слабо застапените региони. За да го овозможиме овој раст на подружниците и новодојденците, некои програми за доделба (како средствата за Истражување и сојузи) ќе треба да се намалат. Освен тоа, разгледувајќи ги главните надлежности на Фондацијата заклучуваме дека има полиња на дејност во кои други учесници во движењето подобро можат да дадат суштински придонес и ние ги испитуваме прагматичните начини како да се придвижиме во таа насока во претстојната година.

За да бидеме потранспарентни и поотчетни, годинашниот план вклучува подробни финансиски информации, особено за структурата на буџетот на Фондацијата, како и за тоа како се организирани нејзините одделенија и глобалните насоки и начела на надомест.

Цели

Фондацијата Викимедија има четири главни цели во 2023−2024 г. Тие се предвидени да бидат во склад со Стратешката насока на Викимедииното движење и Стратешките препораки за него, продолжувајќи голем дел од работата изложена во минатогодишниот план. Тие се следниве:

Заедничка работа на мисијата

Во одделите што следат ќе најдете повеќе поединости за работата на разните екипи на Фондацијата во поддршка на овие четири цели. По кратка историја на планирањето во Фондацијата, разгледуваме што се менува околу нас и го поставуваме прашањето што ова значи за Викимедија и приоритетите на Фондацијата. Што друго треба да се земе предвид? Дали заедно одиме во насока која нè доближува до визијата на движењето за 2030? Што му треба на денешниот свет од нас?

Во подновата на вредностите на Фондацијата Викимедија, нашиот персонал го поддржа начелото на заедништво во оваа мисија. Се надеваме дека содржината што следи ќе ви даде продлабочен увид во тоа како работата на Фондацијата се стреми да го оствари ветеното за сите нас.