Jump to content

Главен извршен директор на Фондацијата Викимедија/Новости/Новости за април 2024 г.

From Meta, a Wikimedia project coordination wiki
This page is a translated version of the page Wikimedia Foundation/Chief Executive Officer/Updates/April 2024 Update and the translation is 95% complete.
Outdated translations are marked like this.

Здраво на сите,

Во мојата последна порака по е-пошта од крајот на февруари споделив теми од иницијативата наречена „Разговор: 2024“ каде раководството на Фондацијата, персоналот и Доверителите разговараа со многу од вас на средбите наменети за обликување на нашиот процес на планирање. Порано денес Фондацијата Викимедија го објави нацрт-Годишниот план за претстојната фискална година 2024-2025.ф

Овогодишниот Годишен план доаѓа во време на сè поголема неизвесност, непостојаност и сложеност за светот и за Викимедииното движење. Глобално, улогата на доверливите информации на Семрежјето игра сè поважна улога и е позагрозена од било кога. Организациите и семрежните подлоги мора да се снаоѓаат во семрежје кое е повеќе поларизирано и повеќе поделено. Добиваат на сила новите начини на пребарување на информации, вклучувајќи ги разговорните пребарувања. Лесното создавање на машинска содржина со помош на вештачка интелигенција претставува у прилика и ризик за Викимедиината улога како систем за знаења предводен од луѓе и технологија, како и за финансискиот модел на Викимедија.

Неколку согледувања за овогодишниот нацрт-Годишен план:

  • Стратегија 2030: Соочувајќи се со овие предизвици, годишното и повеќегодишното планирање на Фондацијата продолжува да се води според Стратешката насока 2030. Промените во светот околу нас ја прават оваа насока порелевантна од било кога. Потребата да станеме суштинска инфраструктура на екосистемот на слободното знаење е повеќе од само инспиративна изјава — тоа е задача постојано да ја преиспитуваме одржливоста на нашите проекти и организации во одговор на променливата средина околу нас.
  • Повеќегодишно до повеќегенерациско планирање: И мораме да планираме уште подолгорочно. Од суштинско значење за нашата задача е да гледаме подалеку од 2030 г., што од нас бара да „создаваме и чуваме корисни информации … достапни на семрежјето бесплатно, засекогаш.“ Преодот од архитектура заснована на врски — која досега добро им користеше на нашите проекти и финансискиот модел — на архитектура заснована на разговор е во рана фаза, но веројатно ќе остане засекогаш. Сметаме дека ова е дел од генерациската промена во создавањето и користењето на информации. Со ова сме доведени во стратешки парадокс: Викимедиините проекти стануваат посуштински за инфраструктурата на знаењето на семрежјето, но истовремено стануваат помалку видливи за корисниците. За да го обезбедиме успехот на Викимедиините проекти за во иднина ќе мора да разгледаме повеќегенерациски приод во клучните подрачја на планирањето на иднината.
  • Трендови: Како што беше минатата година, Фондацијата почна со планирање поставувајќи го прашањето „Што бара денешниот свет од нас и Викимедиините проекти?“ Спроведовме истражување на надворешните трендови кои влијаат на нашата работа, вклучувајќи поголема задршка на непосредни информации во мали дози; поголемо присуство на поттици (финансиски и други) за привлекување на учесници на некои подлоги; правни и регулациски закани, вклучувајќи регулативи на подлогата кои може да се искористат против нас и нашите придонеси, како и можности за позитивно унапредување на јавниот интерес; и проблеми со точноста на содржината и влијанието на вештачката интелигенција врз информацискиот екосистем.
  • Технолошка поддршка: Годинашниот план се задржува на суштинската важност на технологијата, со оглед на улогата на Фондацијата како подлога за доброволци и читатели ширум светот. Минатиот месец Одделението за производи и технологија на Фондацијата Викимедија ги сподели неговите цели пред да го завршиме целиот план, за да ни сигнализираат како се развиваат неговите приоритети за претстојната година и да побара мислења и прашања. На висок степен, нашата работа во претстојната година се задржува на подобрување на корисничкото доживување во Викимедиините проекти, обезбедувајќи го постојаното одржување потребно за поддршка на едно од 10-те најпрометни места на семрежјето, а притоа вложувајќи во иднината во пресрет на променетото семрежје.
  • Доследни цели, повторлива работа: Четирите сеопфатни цели на годинашниот план исто така остануваат исти (Инфраструктура, Праведност, Безбедност и интегритет и Делотворност), додека работата и зацртаното во склоп на секоја цел се гради врз направениот напредокот постигнат во тековната година. Заедно, четирите цели се тлоцрт за подобрување на технологијата која ги овозможува Викимедиините проекти, поддршка и оспособување на нашите глобални заедници, заштита на нашите вредности, на делотворен и ефикасен начин во текот на претстојната година.
  • Финансии и буџет: Во планот се опфатени и поединости за финансискиот модел на Фондацијата и нашиот буџет. Буџетот на фондацијата ги одразува тековните компромиси воочи забавениот раст на доходи. Во пресрет на оваа нова состојба, Фондацијата значително го забави својот развој во текот на изминатите две години, и минатата година го намали персоналот и расходите. Од 2022 г. наваму доделените средства за подружниците ја надминаа стапката на раст на Фондацијата, што е случај и со годинашниот план.

На крај, овој нацрт-план доаѓа за време на разговорите во заедницата во врска со предложената Повелба на движењето, која ќе биде ставена на гласање во заедницата во јуни 2024 г. Во склад со начелата на подружништво и ефикасност, Фондацијата Викимедија останува посветена на преносот на должностите кои подобро можат да ги вршат другите Викимедиини организации.

Фондацијата се ползува од редовната и непосредна работа со Нацртната комисија за Повелбата на движењето (НКПД), како и разговори со заинтересирани страни низ светот во добивањето на сознанија и обликувањето на нејзините перспективи и идни должности. Одборот на доверители и раководството исто така продискутираа различни сценарија, вклучувајќи со НКПД, за да ја оцени подготвеноста на Фондацијата да изврши промени во сегашното статус кво и независно од исходот на ратификацијата. Веќе ги подготвуваме надзор на овие функции заедно со доброволци бидејќи на продолжените промени им треба време, и за да ги направиме како што треба, структурните промени уште отсега ќе мора да почнат со внимателно размотрување:

  • Учествена распределба на ресурсите: Во 2020 г. ги создадовме Комитети за регионално финансирање кои имаат за задача да ја советуваат Фондацијата за регионалната распределба на ресурси и да носат одлуки за финансирање на заедниците. Годинава од комитетите бараме да соработуваат за регионалните доделби со Фондацијата, доближувајќи нè до учествената распределба на ресурси и обезбедувајќи поголема праведност во одлучувањето за доделбите.
  • Пробен Советодавен совет за производи и технологија: Овој концепт се надоврзува на постоечкиот Комитет за производи и технологија на Фондацијата Викимедија и ја следи стратешката иницијатива на Технолошкиот совет. Оваа година ќе испробаме пилот кој би ја разгледувал работата на Фондацијата и советувал истата околу производите и технологијата.
  • Подобрена стратегија за подружници: Минатата година лицата за врски на Одборот на доверители работеше со Комитетот за подружници и персоналот на Фондацијата за да ја подобрат Стратегијата за подружници на Фондацијата Викимедија. Оваа година ќе настапиме со наученото и ќе одговориме на некои клучни прашања во врска со процесот.

Наративниот долг облик на нацрт-Годишниот план е опширен, и содржи 23.000 збора за да служи како сеопфатен преглед и изворен материјал за други презентации и пократки прегледи. Ве покануваме да ги дадете вашите мислења и да поставувате прашања во текот на претстојните недели на едно од овие места: на Мета, на селски чешми во проектите и на виртуелните повици за заедницата кои ги приредуваат заедниците ширум светот.

Ви благодарам,

Maryana

Maryana Iskander

Главен извршен директор на Фондацијата Викимедија