Значајни новости за Викимедија, април 2012
Значајни новости од Извештајот на Фондацијата Викимедија и Технолошкиот извештај на Викимедија за месец април 2012 г. со избор на поважни настани во движењето Викимедија
Значајни новости за Викимедија
Проширување на моделите за прибирање средства и здружување
По одлуките на Одборот на доверители на Викимедија донесени на состанокот во Берлин, продолжува работата за спроведување на нов модел на распределба на парите насобрани преку Викимедиините проекти. Со исклучок на основните трошоци за работа и работните резерви на Фондацијата, сите средства (вклучувајќи средства за ограноци и неосновни работи на Фондацијата) ќе се распределуваат врз основа на препораките од новиот Комитет за распределба на средства (FDC) составен од доброволци. Со друга одлука на Одборот се признаваат нови модели на здружување со движењето Викимедија: „Партнери на движењето“ (истомислени организации кои активно ја подржуваат работата на движењето), „Национални и поднационални ограноци“ (каде спаѓа постоечкиот модел на ограноци), „Тематски организации“ (непрофитни организации што го претставуваат движењето и ги користат обележјата на Викимедија, а се посветени на поддршка на работата на дадена област) и „Кориснички групи“ (групи со отворено членство може, но не мора да основаат здружение).
Досег на индиските јазици
Главниот службеник за глобален развој, Бери Њустед ја посети Индија и се сретна со викимедијанци од Бангалор и присуствуваше на конференцијата на малајаламската вики-заедница „Викисангамотсавам“ како дел од потфатите за поддршка на проектите на индиски јазици. Индиската екипа активно работи на неколку индиски јазици, особено преку досег во јавноста, стратегии за друштвени медиуми и иницијативи за активно ангажирање на што повеќе учесници во заедницата.
Достигната целта на мобилни посети
На крајот на април, мобилното мрежно место на Википедија достигна епохални 2 милијарди посети месечно - една од целите на Викимедииниот годишен план за 2011/12.
Кон брз циклус на примена на програмската опрема
Техничкиот кадар на Википедија почна да се префрла на побрз циклус на спроведување на програмската опрема МедијаВики на Википедија и другите проекти. Отсега спроведувањето ќе се врши на секои две недели.
Податоци и трендови
Глобални поединечни посетители за месец март:
- 489 милиони (+2,7% во однос на февруари; +22,3% во однос на лани)
- (Податоци од comScore за сите Викимедиини проекти; comScore ќе ги објави априлските податоци подоцна во мај)
Барања на страници во април:
- 17,3 милијарди (+0,4% во однос на март; +18,2% во однос на лани)
- (Податоци од опслужувачкиот записник, сите Викимедиини проекти, вклучувајќи мобилен пристап)
Активни регистрирани уредници за март 2012 (>= 5 уредувања/месец):
- 85.090 (+0,2% во однос на февруари / -4,5% во однос на лани)
- (Податоци од базата, сите Викимедиини проекти освен Заедничката Ризница)
Основни показатели за март 2012: http://reportcard.wmflabs.org/
Финансии
(Во моментот на составување на извештајов, на располагање се само финансиските информации за март 2012.)
Сите наведени финансиски информации важат за периодот 1 јули 2011 - 31 март 2012.
Приходи | $ 32,054,861 |
---|---|
Расходи: | |
Технолошка група | $ 7,788,192 |
Група за поддршка на заедницата/прибирање на средства | $ 3,212,763 |
Група за глобален развој | $ 2,984,100 |
Група за раководење | $ 718,116 |
Група за финансии/право/човечки ресурси/администрација | $ 4,607,656 |
Вкупно расходи | $ 19,310,826 |
Вкупен вишок/(загуба) | $ 12,744,035 |
- Приходите за месецот изнесуваат $ 1,9 милиони наспроти планираните $ 3,9 милиони, т.е. околу $ 2 милиони или 53% помалку од планираното.
- Приходите од почетокот на годината досега изнесуваат $ 32,1 милиони наспроти планираните $ 28,6 милиони, т.е. околу $ 3,5 милиони или 12% повеќе од планираното.
- Расходите за месецот изнесуваат $ 2,3 милиони наспроти планираните $ 2,2 милиони, т.е. околу $ 112.000 или 5% повеќе од планираното.
- Расходите од почетокот на годината досега изнесуваат $ 19,3 милиони наспроти планираните $ 21,1 милиони, т.е. околу $ 1,8 милиони или 8% помалку од планираното.
- Готовинската состојба изнесува $ 30,6 милиони (на 31 март 2012) - околу 13 месеци расходи.
Други поважни новости од движењето
Моделот „одговорен википедијанец“ почна да се спроведува
Британската библиотека (заедно со Викимедија Британија) неодамна најави дека ќе назначи „одговорен википедијанец“, кој ќе претставува посредник помеѓу персоналот на Британската библиотека и заедницата на Викимедија. На годинашната престижна конференција на Американското здружение на музеите, пет „одговорни википедијанци“ од разни делови од светот го претставија овој модел на соработка. Априлското издание на билтенот „This Month in GLAM“ известува за отворени места за „одговорен википедијанец“ во државни установи во Израел, Германија и Шведска.
Википодатоци почнува да работи на меѓувики-врски
Во текот на нејзиниот прв месец, екипата на Википодатоци почна да ја програмира првата етапа од проектот, што овозможува централно складирање на меѓујазичните врски. Моментално се разработуваат два додатока како основа на Википодатоци: клиент и јадро на „Викибаза“. Наскоро ќе добиеме и мостра за да видиме како сето тоа изгледа.
Повеќејазичен конкурс на проектот „Монмутпедија“
Како дел од Монмутпедија (Monmouthpedia) - „првиот проект на Википедија што опфаќа цел град“ - на конкурсот „Чарлс Ролс“ баа доделени награди за викимедијанците што напишале, подобриле или подигнале содржини за градот Монмут на повеќе јазици. Исто така, во април во градот се одржа првата вики-средба во Велс.
Тамилски медиумски конкурс
Заедницата на Википедија на тамилски јазик го заврши нејзиниот „Тамилски медиумски конкурс“, благодарение на кој добивме 15.000 слики и снимки од 307 поединци.
Едногодишен бесплатен пристап на истражувачка база
Над 600 викимедијанци добија едногодишен бесплатен пристап до базата на истражувачки дела HighBeam, како поддршка на нивната работа на Википедија и сродните проекти. Активните уредници можат да поднесат молба за пристап на оваа страница.